Презентирање на HBSCM студија – Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст во С. Македонија (11, 13 и 15 год)

Коалицијата МАРГИНИ Скопје на 29.10.2020 (петок) одржа конференцијата на тема Родови нееднаквости во здравјето и животните перспективи на адолесцентите во Северна Македонија, со цел да ги претстави публикуваните резултати на последната HBSCM студија –„Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст во С. Македонија (11,13 и 15 год)“, 2018.

Студијата може да се преземе тука или да се поглене на следниот линк: http://bit.ly/ImameLiPobednik

Главен истражувач во рамки на националната студија е Lina Kostarova

На конференцијата се обратија:

  • Мила Царовска, Министерката за образование на РСМ,
  • проф. Николина Кениг од Институтот за Психологија при Филозофскиот факултет на УКИМ,
  • Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција МАРГИНИ, и
  • Славчо Димитров, Асистент на АУЕ ФОН / Коалиција МАРГИНИ.

Студијата (HBSCM) од 2018 година, со учество на учениците од 11, 13 и 15 години, во најширок опсег досега, ги проблематизира традиционалните вредности и норми преку кои се вкоренуваат и репродуцираат родовите нееднаквости, користејќи истражувачка евиденција од повеќе извори, со чија помош можат да се проценуваат и да се следат ефектите на доминацијата и контрола што овие вредности ги промовираат, врз здравјето и врз добросостојбата на младите.

Основниот интерес за темата на родовите нееднаквости се потпира врз богата истражувачка евиденција за однесувањата поврзани со здравјето на децата од Северна Македонија, чии одговори сведочат за улогата на семејството, но и на училиштето, врсничката група, медиумите и јавните простори во кои младите се воспитуваат и учат да станат рамноправни граѓани на заедницата. Врз основа на добиените истражувачки резултати, со оваа публикација го отвораме и прашањето на позицијата на најранливите, скриени од јавноста, дискриминирани млади, по пол, род, сексуална ориентација и други видови нееднаквости, поврзани со нерамноправната распределба на моќи, и нивната злоупотреба врз другиот, различниот.

Резултати од истражувањето нудат исклучително значајни информации, статистики и анализи за испресекувањето на родовите разлики и нееднаквости со мноштво фактори, ставови, однесувања, практики и здравјето на младите во РСМ, со нивните релации со општеството, родителите, и училиштето, со искуствата на врсничко, семејно и сексуално насилство, како и нивното ментално здравје.

Податоците користени во оваа публикација се добиени во 2018 година, на национален примерок од 4.685 ученици, на возраст на 11, 13 и 15 години, со настава на три наставни јазика, македонски, албански и турски. Истражувањето е спроведено според стандардизиран истражувачки протокол, во 149 основни и средни училишта, од сите региони во земјата.